Откорнати и уништени се дел од 300 млади багреми засадени минатата недела, на улицата „Мишо Арсов“ во населбата Усова Чешма.
Екологисти од Кочани утрово на социјалните мрежи поставија фотографии од уништените садници и реагираа на вандалскиот чин, при што побараа лоцирање и казнување на сторителите.
Младите садници на багрем беа засадени минатата недела од страна на жителите на населбата Усова Чешма во соработка со Општина Кочани.
Уништувањето и крадењето на млади садници станува пракса во Кочани. Екологистите бараат поставување на камери на локациите каде се засадува, заради превенција и полесно откривање на сторителите.
Во пролетната акција за озеленување на јавни површини во Кочани, засадени се околу 4000 садници на различни локации во градот, на опожарената локација на Осоговските Планини, месноста Пресечена скала, долж булеварот „Тодосија Паунов“, на парковски површини и други локации.
И. Матеничарски