Уписите на првачињата годинава ќе се реализираат електронски

Запишувањето на децата во прво одделение годинава ќе може да се направи и електронски.

Поради пандемијата со Ковид-19, од Министерството за образование и наука најавија дека родителите пријавувањето на своите првоодделенци во новата учебна година ќе можат да го направат преку порталот uslugi.gov.mk, започнувајќи од месец мај.

-Уписот оваа година ќе биде електронски, односно со пријава на апликација која ќе ја овозможи Министерството за образование и наука. Согласно тоа, родителите треба да ги пријават сите деца кои се родени во 2015 година. Доколку некој не може да се пријави електронски, пријавувањето ќе може да се направи и во училиштата. Претходно училиштата ќе ги обезбедат списоците со децата кои треба да се запишат од Министерството за внатрешни работи и со тоа ќе се има целосна контрола дека сите деца ќе бидат повикани за запишување, истакна Лилјана Арсова, советник за образование во Општина Кочани.

Бројот на првачиња кои годинава ќе треба да се запишат во училиштата во Кочани ќе биде познат по претходно добиени информации од Секторот за информатика при Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството за образование и наука информираат дека донесен е нов концепт за реформа во основното образование. Донесени се нови програми за прво одделени, а објавени се конкурси за пишување на нови материјали за учење кои треба да бидат на ниво на квалитет што го имаат развиените земји во светот.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: