Урнати уште два објекти на „Стево Теодосиевски“ – наскоро започнува изградбата на втора сообраќајна лента на улицата

Продолжува уривањето на објектите на улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“, со што се создаваат услови за почеток на изградба на втора сообраќајна лента.

Со цел да се пробие нова сообраќајна лента од Двојниот мост до крстосницата во Стришани, денеска беа урнати уште два објекти на улицата за кои експропријацијата е завршена.

-Во тек се активности во делот на рушење на објектите коишто се наоѓаат на улицата „Стево Теодосиевски“. Ова е последна фаза од делот на расчистување и создавање на услови за изградба на булеварот. По законската постапка според Деталниот урбанистички план, на ова место е предвидено булеварски влез и излез во Кочани. По завршување на експропријацијата од страна на Локалната самоуправа, со напорна работа, изминатите три ипол години создаваме услови за изградба на втора лента од булеварот, што ќе овозможи непречено и безбедно движење во овој дел од градот, истакна градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.

Со експропријацијата, Општина Кочани откупи вкупно 9 765 квадратни метри, површина со вкупно 30 парцели, од кои девет се државно земјиште, а на останатите се евидентирани 29 сопственици. 

Според динамиката на активностите се очекува за десетина дена изведувачот да биде воведен во градежните работи. Најпрвин ќе започне изградба на потпорен ѕид кај Спортската сала а понатаму и пробивање на улицата  до крстосницата кај  туристичката агенција „Вел Јан “, каде е планирана изградба на кружен тек.

И. Матеничарски

Сподели: