Урнат уште еден објект на улицата „Стево Теодосиевски“ – нови кружни текови на „Тодосија Паунов“

Со цел да се пробие новата сообраќајна лента од Двојниот мост до крстосницата во Стришани, викендов беше урнат уште еден објект на улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“. Согласно урбанистичкиот план, оваа улица e планирана со по две ленти во двата правца, со разделно зеленило меѓу нив.

Со експропријацијата, Општина Кочани откупува вкупно 9 765 квадратни метри, површина со вкупно 30 парцели, од кои девет се државно земјиште, а на останатите се евидентирани 29 сопственици. На судска одлука се чека за два објекти, а за уривање остануваат вкупно четири, од двете страни на улицата „Стево Теодосиевски“.

Заради покомплесно решение, сообраќајот по „Тодосија Паунов“, улица на која се надоврзува „Стево Теодосиевски“, ќе се олеснува со кружни текови. За изградба на три кружни текови на површински раскрсници на „Тодосија Паунов“ е завршена постапката за избор на изведувач. Според службите за јавни набавки во Општина Кочани, Друштвото за градежништво „Битем“ ќе гради кружните текови кај Автобуската станица, кај новата бензинска пумпа на „Лукоил“ и спрема Усова Чешма. За изградбата на овие кружни текови се наменети 3 977 137 денари.  

Решавањето на сообраќајот со кружни текови се очекува да продолжи сѐ до излезот на Кочани. Со ова се решава приоритетно прашање што ќе придонесе за непречен развој на градот.

Сподели: