Успешна крводарителска акција во Црвен крст – Кочани, собрани 34 крвни единици

Општинската организација на Црвен крст – Кочани денеска ја реализираше  предвидената февруарска крводарителска акција.

На редовната крводарителска акцијата крв даруваа 34 дарители и истата се спроведе во соработка со Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.

За текот на акцијата  изјава за медиумите даде Анета Коцева, секретар на Црвен крст Кочани.

 -Денешната акција е втора редовна крводарителска акција во 2021 година што се спроведува во просториите на Црвен крст – Кочани. Дарителите може да даруваат крв секој последен четврток во месецот во Црвен крст Кочани. Денешната акција  се реализира со  поддршка на Институтот за трансфузона медицина – Скопје, изјави Коцева.

Според докторот Ветон Чиче, од Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, забележливо е незначително намалување на бројот на крводарувања во однос на минатата години.

„Дарувањето на крв е намалено за околу 20 до 30 отсто во однос на минатата година. Се верува дека незначителното намалување се должи на стравот на дарителите од инфекција со Ковид-19, но уверуваме дека ние ги преземаме сите мерки за заштита и крводарувањето е целосно безбеден процес.“, истакна Чиче.

Сопоред трансфузиологот Чиче, нема дефицит на крв и крвни продукти и ситуацијата со крвни резерви е стабила.

„Упатувам апел до сите млади лица да се вклучат во крводарувањето бидејки тоа е единствен начин за обезбедување на крв и крвни продукти во државата“, додаде Чиче.

Граѓаните може да даруваат крв секој понеделник и четврток во Службата за трансфузиона медицина – Кочани или секој последен четврток во месецот во просториите на Црвениот крст.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: