Успешно спроведено полагањето на интерниот испит од државната матура

Успешно спроведено  полагањето на третиот предмет од државната матура. Станува збор за интерниот испит бидејќи двата екстерни се веќе завршени, а на 23 јуни ќе следува полагањето на четвртиот  и последен предмет од државната матура. На 23 ќе се полага и вториот предмет за оние матуранти кои пријавиле завршен испит.

Во СОУ „Гошо Викентиев“ најмногу пријавени матуранти има за предметот  бизнис, а помалку за англиски и историја. Сите ученици кои пријавиле државна матура се јавија на полагањето, нема заболени или ученици во изолација, истакнаа од училиштето.

-Деведесет матуранти денес го полагаат третиот дел од државната матура. Станува збор за општо-образовен предмет. Најголем дел од матурантите, 80 го полагаат предметот Бизнис, а по 5 ученици полагаат Англиски и Историја. Четвртиот дел од државната матура ќе се одржи на 23 јуни, а во истиот термин ќе се одржи и полагањето на завршниот испит. Државната матура и завршниот испит се спроведуваат согласно протоколите за заштита од Ковид -19, истакна Тони Велков, помошник – директор на СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани.

Полагањето го следеа тестатори и инспектори од Државниот испитен центар и од Бирото за развој на образованието. Со полагање државна матура им се  овозможува право на средношколците кои имаат интерес да продолжат едукативно да се надградуваат, покрај на домашните, да можат да се запишат и на врвен универзитет во странство. Насекаде во светот, за упис во високо се бара поседување на ваков документ кој значи формализација на средното образование.

Пред полагањето од страна на Државниот испитен центар и МОН беа  усвоени сите неопходни протоколи врз основа на кои матурата треба да се спроведе во услови на пандемија, а со цел да се заштити здравјето на учениците, наставниците и сите други учесници во процесот. Во  училницата  присутни се најмногу до 15 ученици, а некаде и помалку во зависност од просторните услови. Над  2000 тестатори се вакцинирани со двете дози вакцина против Ковид 19.

Проектната задача се реализираше од 15 март до 30 април а резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од вториот екстерен испит.   Оние матуранти кои што нема да положат матура во јуни, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот и 13 август за вториот екстерен испит. Паралелно тече и третиот ден од првиот уписен рок на идни средношколци. Во СОУ „Гошо Викентиев“ до сега за упис се пријавиле 135 ученици.

Сподели: