Дополнето соопштение на СВР Штип за настаните во Трајаново Трло:
„Во врска со случајот со насилство врз дете во Кочани, за што постои и снимен материјал што се споделува на социјалните мрежи, ОВР Кочани ја известува јавноста дека во координација со ОЈО Кочани ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „насилство врз дете“, а идентификувани се девет лица, со кои е извршен службен разговор и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава. По преземени мерки утврдено е дека настанот се случил на 11.04.2021 околу 20 часот во Кочани.
ОВР Кочани презема мерки и за расчистување на останатите инциденти кои следеле во текот на вечерта. Во координација со ОЈО Кочани до сега се приведени А.Н. , Н.Н. и А.В., а извршен е службен разговор со 20 лица. По целосно расчистување и документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Во врска со видео што се споделува на социјалните мрежи, а на кое се гледа како лице со пиштол и нож упатува сериозни закани, СВР Штип ја информира јавноста дека веднаш се преземени мерки за утврдување на идентитетот на лицето од видеото, при што утврдено е дека се работи за А.И.(36) од Кочани, татко на детето врз кое на 11.04.2021 во место викано „Трајаново трло“ беше извршено насилство од страна на повеќе лица. Од преземените оперативни мерки дојдено е до сознание дека А.И. не е на територијата на Република Северна Македонија и се преземаат мерки и активности за негово обезбедување.
За настанот е запознат Јавен обвинител и се работи на писмено документирање, по што ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во соопштението на СВР Штип.