Утре почнуваат Божиќните пости

Од утре 28 ноември започнуваат Божиќните пости и ќе траат до 6-ти јануари идната година. Постите се востановени во чест на раѓањето на Исус Христос, а освен телесниот важен е и духовниот пост.

Според свештениците младите го издржуваат целиот пост, за разлика од повозрасните верници, кои обично го избегнуваат постот, односно постат само првата и последната недела и потоа сакаат да се причестат. Затоа свештениците со апел, да се пости според правилото на Црквата, а не да се третира како диета, оти  може да ја наруши вистинската смисла на божиќното празнување. Освен во храната, верниците треба да се воздржуваат од лоши мисли, односно важен е и духовниот пост, велат свештениците.

-Според типикот за Божиќните пости се пости на следниот начин, понеделник, среда и петок се пости без масло, вторник и четврток е дозволена употреба на масло а сабота и недела и големи празници е дозволена употреба на риба. Постот може да биде ублажен само со благослов на духовникот. Пред причест потребно е да се оди на исповед и да се причестуваат верниците само со благослов на духовнииот отец, истакна  Димитар Арсовски, свештеник во храмот „Св.Вмч Георгиј“ во Кочани.

Човечката душа, додава Арсовски,  ослободена од лоши мисли и дела, овозможува поголема љубов кон своите блиски. Важна е и исповедта пред духовен отец, но и вистинско покајание.

Сподели: