Учениците од ООМУ „Ристо Јуруков“ со концерт го одбележаа Светскиот ден на пијаното

ООМУ „Ристо Јуруков“ вчера во големата сала на Мултикултурниот центар во Кочани одржа концерт на пијано, по повод Светскиот ден на пијаното.

На концертот настапија 16 млади пијанисти од музичкото училиште од класите на наставниците во училиштето. Во преполната сала пред публиката изведоа низа дела од светски познати композитори.

– На 88 ден од годината го славиме Светскиот ден на пијаното. Симболично, токму поради 88-те клавиши на овој инструмент. Нашите млади пијанисти се претставија со 16 точки од класите на сите наставници кои спроведуваат настава во музичкото училиште. Концертот беше убав повод, по подолг период да ги видиме учениците на сцена пред преполната салата на Мултикултурниот центар – изјави Марија Лазарова, директорка на музичкото училиште.

Ден на пијано или ден во чест на „кралот на музичките инструменти“ е настан кој се одржува еднаш годишно, 88-от ден во годината, затоа што тоа е бројот на клавишите на пијаното.

Се чествува, како што нотира германскиот пијанист и композитор Нилс Фрам, еден од основачите на идејата, најмногу поради радоста што ја носи прославата за пијаното како еден од најпопуларните и најомилените инструменти, вклучувајќи ги изведувачите, композиторите и како најбитни, слушателите”.

И. Матеничарски

Сподели: