Учениците од СОУ „Гошо Викентиев“ создадоа паметна корпа која сама распознава и складира различни видови отпад

Учениците од средното училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани, и оваа година со креативна идеја за интересен производ за учество на Националниот натпревар на ученички компании, кој секоја година се одржува   во организација на Џуниор Ачивмент Македонија.    

Станува збор за изум на учениците членови на ученичката компанија „ECO GREEN BIN“   паметна канта која сама разпознава различни видови отпад и според тоа таа соодветно ги складира. Работат под менторство на професорот Игор Митев кој лани заедно со учениците од ученичката компанија „Медтех“ од истото училиште победија со својата паметна кутија за апчиња и учествуваа  на европскиот натпревар на ученички компании во Лил, Франција.

-Нашата паметна корпа  со помош на вештачка интелегенција разпознава хартија, пластика и метал. Во нејзин склоп постојат три прегради наменети за секој вид отпад посебно. Откако отпадот се фрла во кантата, таа го распознава материјалот од кој е изработен отпадот и со помош на робот, уфрлениот отпад се селектира и складира во соодветниот оддел од корпи кој е предвиден за тој вид отпад. Нашиот производ е поддржан од апликација на која може да се види местоположбата на секоја корпа, и во секој момент има можност да се види исполнетоста на секој оддел од корпата. Кога некој од одделите е исполнет над 80% дава сигнал дека таа корпа треба да се испразни, рече Мартин Митев, учесник во натпреварот.

Училишната компанија ECO GREEN BIN е основана во 2019 година во СОУ „Гошо Викентиев“.

-Ние преку учество на ваквите натпревари ги изнесуваме своите  иновативни еколошки идеи и успеавме да   создадеме  паметни корпи за отпадоци. Корпите работат со помош на вештачка интелигенција.
Основната цел на нашиот  тим на компанијата ECO GREEN BIN е  заштита и напредок на животната средина,  искористување на обновливите материјали и подобрување на еколошкиот стандард.
Со ова сакаме да  придонесеме за  почиста, поздрава и побезбедна иднина за нас и за идните генерации, рече Мила Велкова, учесник во натпреварот.

На натпреварот кој што ќе се одржи онлине од 18 до 20 јуни има силна конкуренција со учество на голем број  ученички компании но  учениците се надеваат и оваа година на победа. Победниците од државниот натпревар се стекнуваат со учество на Европскиот  кој оваа година би требало да се одржи во Лисабон, Португалија од 22 до 24 јули но поради состојбата со коронавирусот  можноста за одржување на истиот ќе биде дополнително утврдена.

Сподели: