Дел од основните училишта и градинки од Кочани и Чешиново-Облешево периодов реализираа тактичко показни вежби за симулација на евакуација во случај на пожар како дел од законската обврска на институциите што се спроведуваат на секои две години.
Тактичко показните вежби се реализираа во соработка со Територијалната противпожарна единица – Кочани и општинскиот Црвен крст при што беа опфатени училиштата „Св. Кирил и Методиј“, ООМУ „Ристо Јуруков“ во Кочани, ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари, четири клона од Детската градинка „Павлина Велјанова“, како и ОУ „Страшо Пинџур“ во Чешиново-Облешево.
На симулациските вежби по претходно утврдено сценарио, пожарникарите гасеа пожар и извлекуваа повредени лица, додека волонтери на Црвен крст укажуваа прва помош на симулирани случаи на повреди.
Симулациските вежби беа оценети како успешни. Целта на ваквите вежби е увежбување на подготвеност на воспитно-образовните институции и институциите задолжени за ваков вид несреќи да бидат подготвени во случај на реална интервенција.
Воедно, при вежбите се утврдуваат и недостатоците на објектите кои ги имаат и би биле можна пречка при интервенција во реална ситуација со цел нивно отстранување.
И. Матеничарски