Роботска техника за олеснување на обуката на ученичките тимови за учество во Првата лего лига по роботика добија кочанските основни училишта, „Св. Кирил и Методиј“, „Никола Карев“ и средното теничко училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани.
Опремата е донација од Академијата за роботика и иновации – Македонија со поддршка на компанијата „Becthtel Corporate“ што се реализира во 13 училишта во државата, претежно во Скопје и источниот регион.
– Горди сме што иницијативата ќе придонесе учениците да имаат соодветен пристап до обуката по роботика. Еден од најголемите предизвици со кои се соочува современиот свет е да се обезбедат што повеќе инженери и стручни лица за научна работа меѓу младите генерации. Се надевам дека со оваа опрема и со учеството во Лего лигата ќе ги инспирираме учениците и ќе им дадеме можност да се вклучат во потребите за инженерски персонал, рече Џорџ Бејкер, претставник од компаниијата „Becthtel Corporate“.
Со донирањето на роботска опрема во воспинто-образовните институции се очекува да е зголемат бројот на училишните тимови и квалитетот на учесниците на натпреварите на домашно и меѓународно ниво.
– Се работи за опрема од последната генерација на Lego education програмите, со што еден сон што го имавме на почетокот станува реалност. Ќе можеме да вклучиме што повеќе тимови од формалното образование во Првата Лего лига, а донаторската акција ја почнуваме од Кочани, каде што пред седум години со донацијата од Ротари клубот Кочани-Виница почна целата успешна приказна во роботиката. Благодарни сме на луѓето од компанијата „Becthtel Corporate“ која за разлика од другите кај кои ние бараме, сама покажа иницијатива да им помогне на нашите ученици, рече Гордан Анастасов од Академијата за роботика и иновации.
Македонските тимови годинава ќе учествуваат во седмата сезона од Првата Лего лига, во која на минатогодишниот државен натпревар во Штип, првото место го освои тимот MAKBot Pioneers од СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани.