Фолклорен концерт во чест на оризот – кочанското бело злато

На фолклорниот концерт што се одржа на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“, во чест на оризот – кочанското бело злато, настапија пет фолклорни состави, гости на годинашнава манифестација „Денови на кочанскиот ориз“: КУД „Медвеѓа“ од Медвеѓа, Трстеник, Србија; ФА „Напрафоргок“ од Сигетсентмиклош, Унгарија; ФА „Бијела“ од Бијела, Херцег Нови, Црна Гора; Ансамблот за народни песни и танци „Граовска младост“ од Перник и Танцовиот состав „Пиринска пола“ од Добриниште, Бугарија.

Фолклорот и кочанскиот ориз и оваа година успеаја да зближат и поврзат различни култури и традиции.
Меѓународниот фолклорен концерт го отвори Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари, соработник и поддржувач на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, ансамбл кој педесетина години го негува изворниот фолклор од Осоговијата.

Во саботата, на Летната сцена настапија и кочанските фолклорни состави: КУД „Руен“, „Мугри“, Фолклорниот ансамбл и Пејачката група при Здружението на пензионери – Кочани, „Осоговски извор“ – Оризари, како и „Ѓердан“ од Штип.

Сподели: