Хаосот на Градскиот пазар надживеа неколку локални власти – решение се уште нема

Вистинско безредие од сообраќаен хаос е сликата која секој четврток ја гледаат и чуствуваат возачите и пешаците кои живеат, работат или едноставно се движат во близина на Градскиот плоштад и пазар во Кочани.

Паркирани возила без некој посебен ред и непрописно застанување дополнето со  отсуството на сообраќајната полиција создава невиден метеж на самиот плоштад, ако така  може да се нарече просторот кој повќе налкува на паркиралиште отколку на плоштад.

Од друга страна на реката, тезги на сред улица, узурпирани тротоарски површини, неефикасни комунални (не)редари дополнето со изменет сообраќаен режим е сосема доволно за движењето низ  улиците во околината на Градскиот пазар  да изгледа хаотично.

Граѓаните кои живеат на улиците мака мачат секој четврток да стигнат до своето работно место, коловозите се тешко проодни и за интервенција на возила на Брза помош или пожарна. За хигиената и нередот кој останува по завршување на пазарниот ден подобро и да не станува збор.

Решение за дислокација на Градскиот пазар или ставање на некој посебен ред се провлекува низ годините наназад. Проблемот со Градскиот пазар надживеа неколку локални власти, а секој обид за ставање на ред беше безуспешен и тензичен. Очигледно ни претходните, ни сегашните, а како што изгледа ни идните локални власти поради некои други интереси не ќе можат да го решат овој горчлив проблем.

Едно од можеби моменталните сообраќајни решенија за колку-толку ублажување и нормализирање на движењето на возилата е ослободување на дел од улицата „Гоце Делчев“ од тезги на потегот од мостот кај Градскиот плоштад кон зградата на ЕВН – Македонија. Тие дваесетина метри ќе овозможат проток на сообраќајот во еден правец, на кракот од улицата помеѓу зградите на ЕВН Македонија и поранешниот хотел „Турист“ која излегува на улицата „Д-р Николич“.

За дислокација на пазарот или создавање на ред очигледно граѓаните ќе почекаат на некои подобри времиња.

Сподели: