Хронолгија на случувања кои низ годините го потресоа Кочани

Трагичната несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 62 лица и над 200 беа повредени е само една од низата несреќи и турбулентни периоди кои го потресоа Кочани во изминативе петанесетина години.

Навраќајки се наназад низ годините  Кочани за жал е како предодреден за случувања  кои на неколку години ги вознемируваат жителите на ова навидум мирно гратче во истокот на Македонија.

„Детонатор“  го стресе Кочани

Кочанчани далечната 2012 година ќе ја паметат по периодот кога во градот се случи една од најголемите полициски акции, акцијата „Детонатор“. Кога детонаторот пукна, во Кочани и регионот беше разбиена организирана група на обвинета за рекет, лихварство, изнуда, перење пари и насилство. Во тој период, а како последица на акцијата беа сменети 13 командири на полициски станици и началникот на СВР Штип. Кочанчани тој период го преживеаа, под полициска опсада и неизвесно секојдневие.  

Кобниот 1 мај 2013 година

И штом детонаторот стивна, следната 2013 година Кочани ја потресе нова трагедија. Тој 1 мај, во колективната меморија на кочанчани ќе биде запаметен по големата и трагична сообраќајна несреќа во која животот го загубија две лица, додека 11 деца беа повредени. Во несреќата трактор со приколка во која се превезуваа 16, повеќето малолетни лица од селото Грдовци, враќајки се од првомајски излет се преврте во близина на местото Илин дол на патот  помеѓу селото Пресека и населбата Оризари. Возачот на тракторот загина на лице место додека неговата сопруга и подлегна на повредите  во болница. Пет од децата беа во критична состојба.

Поплавите во Кочанско 2015 година

Обилните врнежи од дожд што во февруари 2015 го зафати Кочанскиот регион предизвика излевање на реката Брегалница при што беа поплавени куќи и земјоделски посеви во полскиот дел на Кочани и соседните Општина Чешиново-Облешево и Зрновци. Надојдените води на реката Брегалница ја разнишаа статиката на мостот кој Кочани го  поврзуваше со  Зрновци. Поплавени беа дворови и куќи во селата Чешиново и Уларци. Селото Теранци беше отсечено од Облешево. Надојдените води на Кочанска и на Оризарска Река се излеаја на оризовите површини, а водата навлезе и во селата Прибачево, Теранци и Горни и Долни Подлог. За среќа, освен материјална штета немаше човечки жртви.

Големите пожари во Кочани 2021

2 август 2021 година, ден Илинден, кочанчани ќе го паметат по катастрофалниот пожар што за момент можеше да го проголта западниот дел на градот. Мирното и празнично попладне се претвори во пеколна борба против огнената стихија. Првата дојава за пожар пристигнува во кочанската територијална противпожарна единица на подрачјето на селото Бели. Се интервенира при што во прв миг навидум пожарот беше ставен под контрола. Силниот ветар со променлив правец повторно го разгоре огнот, па преку Белскиот рид „Сламерник“, огнената стихија се префрли до првите куќи во Белското маало, Драчевик, Бејрут се до селотото Тркање. Борбата со огнената стихија траеше цела вечер. Под закана на оган беа семејни куќи, објекти,фарми, нафтен склад, земојделски површини и сл. Штетите од пожарот беа огромни, како на шумскиот фонд така и на семејни куќи, помошни простории и фарми.

Свирепи убиства, самоубиства, вооружени престрелки и тешки сообраќајки

Црната хроника во Кочани изминативе години стана секојдневие. Кога ќе се навратиме наназад јавноста беше сведок на голем број убиства, од нив дел и свирепи, многу самоубиства, некои од нив и јавни, вооружени престрелки и тешки сообраќајни незгоди во кои животот низ годините го загубија многу млади кочанчани.

И. Матеничарски

Сподели: