Хумана мисија на учениците во четврто одделение, Јован Цветанов и Михаела Стоилкова од ОУ „Раде Кратовче“ кои преку продавање на дел од своите детски играчки собираат финансиски средства за помош на свои соученици кои потекнуваат од социјално загрозени семејства.
Младите Јован и Михаела својата хумана активност ја реализираа вчера, во Градскиот парк каде на штанд по симболична цена ги нудеа на продажба своите играчки на заинтересираните минувачи.
-Иницијативата е на Јован и Михаела, школски другарчиња кои преку хуманата активност собраа финансиски средства кои ќе ги наменат за помош на неколку соученици од одделението. Тие планирааат да купат обувки и зимна облека и со тоа да подадат рака на своите другарчиња. Преку оваа хумана мисија тие испратија порака дека сите деца се исти и секое дете заслужува безгрижно школување, а ние како родители, заедно со нивната наставничка Силвана Ивановска ги поддржавме во хуманата иницијатива, рече Димитар Цветанов, родител на Јован.
Учениците за успешно реализирање на хуманата мисија собираа средства и од поставената донациска кутија, а веќе од утре, понеделник, со собраните пари ќе ја купат потребната облека и обувки за своите социјално загрозени соученици.
И. Матеничарски