Хуманитарна Ротари оризова вечер во Кочани

Ротари клубот „Кочани – Виница“ вчеравечер во Кочани ја организираше традиционалната 8. Ротари оризова вечер.

Настанот што се организира традиционално има за цел промоција на оризот оризопроизводителството, земојоделците и сите вкучени во процесот на преработка на ориз.

– Оваа вечер се собравме со една мисија, а тоа е да го чествуваме и славиме нашето бело злато – Оризот, да им одадеме почит и признание на оризопроизводителите, на земјоделците на преработувачите, на луѓето кои се грижат да оризот стигне од нивата на нашата трпеза. Во многу држави оризот е официјално прогласен за стратешка култура, кај нас за жал официјално не е, меѓутоа ние децата на оризовата котлина и го гледаме како стратешка култура. Особено во овие тешки времиња и темни облаци надвиснати над светот – истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот „Кочани – Виница“.

Оризовата вечер и годинава е со хуманитарен карактер. Со средствата собрани на настанот ќе се обезбедат пакети со храна за социјално загрозени семејства од Кочани и Виница.

На настанот присуствуваа делегации ротаријанци од Србија, Бугарија и Македонија, градоначалници и гости од државата и странство.

8. Ротари оризова вечер годинава се организираше во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ во соработка со локалната самоуправа на Општина Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: