Хуманост и солидарност во време на пандемија: Преку граѓанска иницијатива секојдневно се обезедуваат оброци за ковид персоналот во болницата во Кочани

Граѓански активисти од Кочани веќе една недела обезбедуваат храна за медицинскиот  ковид персонал во болницата во Кочани.

Иницијативата започна со објава на социјалните мрежи на нашата сограѓанка Благица Сабовлевиќ  Стоименова за голготата која ја поминува медицинскиот персонал во болницата во Кочани, кои секојдневно, по 24 часа под скафандери и заштитна опрема се грижат за пациентите со ковид.

На иницијативата веднаш се приклучиле пицеријата „Филитеа“, Домашна кујна „КСД“ и компанијата „Центрофрута“, а од денес и бурекчилницата „Младост“ од Кочани.

Сабовлевиќ  Стоименова упати апел до сите поединци и компании да помогнат заради континуирано обезбедување на храна за медицинските ковид екипи во кочанската болница.

-Јас би испратила порака до сите сограѓани за подигање на свеста за сериозната војна со вирусот и тоа дека секој треба да помогне во отпорот кон него, а и да даде посебна поддршка на луѓето што се на самата борбена линија со вирусот. Ние не очекуваме спектакуларни донации, се што е повеќе од нула е добредојдено, важно е во континуитет да даваме поддршка кон сите ковид екипи во болницата во Кочани , истакна Сабовлевиќ  Стоименова.

Освен храна , неколку компании од Кочани донираа и медицинска заштита опрема за болницата во Кочани. 

Модната конфекција „Микел“ донираше седум заштитни одела, додека козметичкиот салон „ Beauty revolution Симона“  двесте заштитни маски месечно. Вработените во аптеките на „Зегин“во Кочани од сопствени средства донираа оксимери за потребите на ковид центарот во Кочани.

Во меѓувреме во најава е и донација на стотина мантили и дваесет заштитни скафандери од Здружението на возачи – Кочани како и 1000 заштитни маски, донација од „Автотехна“.

Иницијативата во Кочани за сега е единствена во регионот која дава резултати и обединува, а воедно е и апел до сите поединци и компании од Кочани да се приклучат и во рамки на своите можности  да донирааат.

И. Матеничарски

Сподели: