Црвен крст Кочани организира средношколска акција за дарување на крв

Општинската организација на Црвен крст Кочани за 10 декември (четврток) најавува средношколска акција за дарување на крв.

Во услови на пандемија кога дарувањето на крв може да направи голема промена во животот на лицата на кои им е потебна, Црвен крст Кочани  ги поканува сите средношколци и млади лица над 18 години да даруваат крв,  на акцијата што ќе се одржи  во спортската сала во гимназијата „Љупчо Сантов“, во периодот од 09:00 ч. до 14:00 ч. следниот четврток, на 10 декември.

Акцијата се организира во соработка со средните училишта „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викентиев“ од Кочани, а со поддршка на Институтот за трансфузиона медицина – Штип.

Крводарителската акција ќе се спроведе согласно сите протоколи за заштита од Ковид-19, со мерење на телесна температура, дезинфекција и одржување на дистанца при крводарувањето, а секој крводарител ќе добие заштитна маска обезбедена од организаторот.

Обезбедувањето на доволно количество на крв и крвни продукти во време на пандемија  е од клучно значење во борбата против коронавирусот. Најавената акција е можност за средношколците од Кочани да ја покажат својата хуманост и во услови на пандемија да даруваат крв и спасат нечиј живот.

Сподели: