Црвен крст – Кочани спроведува тридневен младински едукативен камп кај Дабот во Бели

Волонтери од Општински организации на Црвен крст од Македонија од вчера кампуваат на локалитетот Кај Дабот во селото Бели, на летниот младински едукативен камп што го организира Црвен крст – Кочани.

Тридневниот едукативен камп е на тема Подготвеност и дејствување при катастрофи со акцент на шумски пожари и пожари на отворен простор, како и едукации за бебедно движење во планина и ориентација во простор.

– На едукативниот камп учествуваат 30-тина млади волонтери од Кочани и осум други општински организации на Црвен крст од државата. Темата на кампот е во делот на катастрофите каде теоретски и практични  предавања им држат едукатори од Територијаланта противпожарна единица – Кочани, Доброволното противпожарно друштво, Планинарски спортскиот клуб „Осогово“ и Извидничкиот одред „Ластовица“.  Целта е младите лица да се едуцираат и стекнатите знаења да можат да ги применат во реална ситуација како и да ги пренесат на своите врсници од Клубовите на млади од каде доаѓаат – истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани.

На локалитетот Кај Дабот во селото Бели е подигната шаторска населба каде волонтерите престојуваат во текот на тритте дена. На кампот учествуваат волонтери од Кочани, Виница, Делчево, Штип, Пробиштип, Радовиш, Струмица, Куманово и Битола.

На вториот ден од кампувањето гостите ги посети и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов кој ги поздрави присутните волонтери и им посака пријатен престој во Кочани.

Летниот – младински едукативен камп е традиционален настан на Црвен крст – Кочани кој по пауза од две години поради Ковид – 19 повторно се спроведува во Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: