Четиридневен фестивал по повод Меѓународниот ден на литературата за деца

ЈОУБ „Искра“ – Кочани го започна четиридневниот Фестивал на децата, книгата и музиката што по повод 2 –ри април – Меѓународниот ден на литературата за деца кочанската општинска библиотека го реализира традиционално.

Под мотото „Другарувањето со книгите ни е песна“, фестивалската програма почна со трибина посветена на книгата, писменоста и читањето кај децата, на која учествуваа професорите и научни работници Христо Петрески, Кристина Николовска, Јованка Денкова, Ана Витанова Рингачева, Ели Маказлиева и Доне Донев.

На првиот фестивалски ден беше промовирана и книгата за деца „Чудесен дар во годишен календар“ од авторката Ели Маказлиева, која е минатогодишна добитничка на наградата „Ванчо Николески“ од Друштвото на писателите на Македонија.

-Идејата на програмата на Фестивалот е да ги поттикнеме најмладите да другаруваат со книгата, затоа што со читањето тие ја развиваат својата креативност и бујна имагинација. Истовремено ги зголемуваат и своите вештини во јазичното изразување и критичко размислување, што е сигурен пат да изградиме одговорни возрасни лица кои ќе придонесуваат за својата средина. Програмата има своја тежина затоа што во неа се вклучени сите основни училишта од Кочани, јавната установа детска градинка „Павлина Велјанова“ , приватната детска градинка „Амичи“, меѓуопштинскиот Центар за социјална работа, како и училиштата од општините Пехчево, Делчево и Виница преку нивните библиотеки и домови на културата, истакна Магдалена Кочовска Салтирова, виш библиотекар во библиотеката „Искра“.

Во наредните денови ќе се одржат промоции на книгите за деца „Мимбо Џимбо и долгата зима“ од данскиот автор Јакоб Мартин Стрид, „Невидлив“ од шпанскиот пиустаел Елој Морено, „Тешко е да не ме сакаш“ од Јасминка Петровиќ и „Откривање на кодот“ од роднокрајната авторка Љубинка Донева. Програма донесува и ликовна работилница, поетска средба со роднокраен автор и изложба на дела од лицата со попреченост, а учесници ќе бидат ученици од основните училишта од Кочани, Оризари и Зрновци.

На последниот фестивалски ден ќе бидат доделени наградите за најдобрите творби на литературниот конкурс, а со драматизации, рецитали и музичко-ритмички точки ќе настапат ученици од музичкото и основните училишта од Кочани, Виница, Делчево и Пехчево.

Фестивалот на децата, книгата и музиката во Кочани се одржува со поддршка од Министерството за култура, локалната самоуправа, Ротари клубот Кочани-Виница и компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Сподели: