73 – годишниот пензионер Милан Димовски е вистински симбол на отпорот на градот во борбата против загадувањето на водата, воздухот и почвата предизвикано од фабриката за хартија „Пејпар Мил“.
Како највозрасен член на граѓанската иницијатива за чисто Кочани, Чичко Милан веќе три седмици, најчесто сам, на фреквентни локации во градот собира граѓански потписи за институционално решавње и притисок во борбата против загадувањето на Кочани.
Со неговиот подвижен пункт од една маса и неколку листа хартија и секогаш под бајракот на Македонското знаме, чичко Милан е присутен насекаде низ градот, во паркот, пред поголемите маркети, Градскиот плоштад и пазар, на тротоари и фреквентни локации низ Кочани.
– Мојот скромен придонес кон оваа граѓанска иницијатива за решавање на проблемот со загадувањето на Кочани започна уште од самиот старт. Досега лично сам собрав околу 1100 потписи, додека целата иницијатива за три седмици собра над 4000 граѓански потписи. Кочани заслужува здрава животна средина за идните поколенија, а ние сме тука, додека не држи здравјето да се бориме за тоа, ни кажа чичко Милан.
Димовски ни сподели дека е задоволен од интересот на граѓаните за што говорат и борјките на собрани граѓански потписи. Реакцијата од граѓаните скоро секогаш е позитивна, но како што самиот кажа, има и случаи кога наидува на негодување од поединци.
– Ние се бориме против сите загадувачи, а првенствено против „Пепјар Мил“. Како иницијатива ние не сме за затворање на фабриката, таму работат наши сограѓани кои од неа егзистираат. Ние сакаме фабриката само да ги почитува дозволите и прописите и да не загадува. Нашето здравје е побитно од се – ни сподели Димовски.
Чичко Милан не е сам. Позади него стојат група сограѓани кои му помагаат во собирањето на потписите. Него го оставивме на пунтот во Градскиот парк, како што самиот ни кажа да ја почека својата „тајфа“. Пред да си заминеме им порача на сите сограѓани на Кочани, да ја поддржат иницијативата и да стават свој потпис, бидејки ова е битка за градот и здравјето на идните поколенија.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов