Четворица членови-планинари на Планинарско-спортскиот клуб „Осогово“ реализираа седумдневна експедиција за искачување на врвови на планинската верига Алпи.



Експедицијата во состав Тошо Антов, Зоран Николов, Дуле Наумов и Маријан Стевановски, планинари и членови на ПСК „Осогово“ ги искачија врвовите Брајтхорн (4.165), Балменхорн (4.167) и Пирамиде Висенте(4.215) м.н.в на Алпите.

– Седумдневната експедиција ја започнавме минатата среда со цел освојување на највисокиот врв во западна Европа, Монблан (4.810 м.н.в). Во исклучително тешки услови нашата експедиција ги искачи високите врвови на Алпите, Брајтхорн (4.165), Балменхорн (4.167) и Пирамиде Висенте(4.215) м.н.в, додека временските услови не дозволуваа да ризикуваме да се качиме највисоко во западна Европа и на Алпите, на врвот Монблан, цел што сигурно ќе ја реализираме во следна прилика. Искачувањето го започнавме од Италија, додека нашата експедиција при искачувањето стапна и на територии на Франција и Швајцарија, соопшти Тошо Антов, член на експедицијата и претседател на ПСК „Осогово“.


Членови на ПСК „Осогово“ во клубските простории на планинарско-спортскиот клуб организираа свечен дочек на планинарите, при што им посакаа добро здравје и освојување на што повеќе врвови и промоција на клубот и Кочани во Европа и светот.


Членовите на експедицијата истакнаа дека ова можеби е прва експедиција што во седум дена успеала да искачи три врвови над 4000 метри на Алпите.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов
