Шахпаска од Кочани: СДСМ го продолжува концептот „Парите назад кај граѓаните“

Во изминатите неполни три години СДСМ покажа дека вистински се грижи за граѓаните, додека во единаесетте години власт и потоа, ВМРО-ДПМНЕ покажа грижа само за Груевски и неговите соработници, а тоа се години на манипулации, истакна носителката на кандидатската листа од коалицијата „Можеме“ во третата изборна единица, Јагода Шахпаска при денешната посета на Кочани.

– За три години, преку социјалната реформа, СДСМ не само што ја зголеми социјалната помош за 300 отсто и воведе детски образовен додаток, туку го прошири и опфатот на деца корисници. Во новиот четиргодишен мандат ќе обезбедиме уште повисока социјална помош за 34 илјади семејства и детски додаток за 65 илјади деца. Исто така, го решивме проблемот со стечајните работници што ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше, па денес 12 илјади стечајци добиваат по 8.300 денари месечно, а наскоро ќе добијат и домашна платежна картичка од девет илјади денари, истакна Шахпаска.

Таа додаде дека и во време на кризата поради епидемијата од коронавирусот, СДСМ го продолжил концептот „Парите назад кај граѓаните“.

– За успешноста на концептот говорат 28 милиони евра што ги враќаме назад кај поивеќе од 324 илјади граѓани преку домашната платежна картичка и ваучер за туризам. Картичка со девет илјади денари ќе добијат и пензионерите кои се со пензија под 15 илјади денари, самохраните родители и невработените пасивни баратели на работа. Ги намаливме нотарските и трошоците за извршители, а со отписот на камати на долгови за физички лица избришавме 10 милиони евра како долгови на граѓаните. Дополнително ги намаливме и казните за 75 отсто и воведовме опомена пред казна. Затоа разликата е јасна, СДСМ се грижи за сите граѓани и за враќање на парите кон нив, а ВМРО-ДПМНЕ се грижи само за обнова на режимот и колку што може повеќе пари да им земе на граѓаните, заклучи Шахпаска.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial