Јавен повик за формирање партиципативно тело за урбанистичко планирање на Кочани

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев објави јавен повик за формирање партиципативно тело што ќе учествува во процесот на урбанистичкото планирање на подрачјето на општина Кочани.

Партиципативното тело има за цел да обезбеди инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање во општината и ќе ги претставува различните интереси и интересни групи во локалната заедница, ќе има цел да ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, да ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија и во постапката за изработување и донесување на плановите да ги разгледува планските програми и планските решенија на урбанистичките планови во нивната работна верзија.

Партиципативното тело има право да расправа за сите работи од надлежност на единицата на локалната самоуправа и може да влијае на планските решенија и политиките на просторен развој, преку презентирање на своите мислења на Советот на Општината.

Работата на партиципативното тело е јавна, а тоа ќе заседава најмалку еднаш на два месеца и ќе има консултативна улога во постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, ќе ја разгледува планската програма во фаза пред таа да му биде предложена на градоначалникот за одобрување, како и урбанистичкиот план во фаза на урбанистичко планско решение пред да биде дадено на стручна ревизија.

Пријава по овој јавен оглас за членување во ова тело, можат да поднесат сите заинтересирани лица кои се претставници од урбаните и месните заедници, претставници на невладините организации од различните сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти од подрачјето на општината што ги претставуваат различните групи на граѓани, како и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и другите стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот.

Членовите на партиципативното тело ќе работат доброволно, бидејќи согласно Законот за урбанистичко планирање, не ги следува надоместок за вршењето на работа.

Начинот на работа и потребните документи за пријавување се објавени во целосниот оглас на веб-страницата на Општина Кочани. Рокот за поднесување на пријавите е до 23 септември 2020 г.

Сподели: