Јавен повик за цртање на мурали и графити на потпорниот ѕид кај „Атомските згради“

Општина Кочани објави јавен повик за цртање на мурали и графити на потпорниот ѕид кај „Атомските згради“, на булеварот „Тодосија Паунов“.

Идејата е преостанатиот празен ѕид  да биде разубавен со уметнички дела кои ќе бидат нов декор и ќе му дадат естетска и уметничка димензија на просторот.

За таа цел Општината ги повикува сите поединци и здруженија кои работат во сферата на културата и уметноста и цртаат мурали и графити на јавен простор, ликовни уметници, средношколци, студенти, професионалци да се пријават на повикот.

Темата на цртање е по идеја и избор на подносителот на пријавата, со тоа што истата не треба да биде извор на поттикнување расна, национална, политичка и верска или друга нерамноправност или омраза.

Рокот за пријавување по јавниот повик тече заклучно до 25.09.2020 година до 15:30 часот.

Заинтересираните поединци или здруженија може да се пријават преку електронска пошта на kultura@kocani.gov.mk  или со поднесување  на пријавата до Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани, до Одделението за јавни дејности.

Подетални информации околу потребните документи за пријавата заинтересираните лица може да најдат на веб страницата на Општина Кочани или со клик овде.

И.Матеничарски

Сподели: