Јавен повик за членови на Локалниот младински совет на Општина Кочани

Општина Кочани е во завршната фаза за формирање на Локалниот младински совет согласно Законот за младинско учество и младински политики.

Локалното собрание за млади на општина Кочани го распиша Јавниот повик за избор на членови на Локалниот младински совет. Овој повик ќе биде активен во текот на претстојните 15 дена, а во ова претставничко тело можат да членуваат: младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички организации, студентски организации, млади луѓе – жители на Кочани од 15 до 29 години и други облици на младинско здружување кои работат и функционираат на територија на општината.

Локалната самоуправа ги повикува сите заинтересирани млади, кои ги исполнуваат условите да се пријават на јавниот повик и да придонесат кон зголемено младинско учество на локално ниво (линк до Јавниот повик со клик ОВДЕ. )

Потребните документи можат да се достават електронски, на e-адресата на службеникот за млади Славица Давиткова – s.davitkova@kocani.gov.mk или преку Архивата на Општина Кочани (ул. „Раде Кратовче“ бр.1).

Локалниот младински совет ќе претставува тело кое ќе ги штити интересите на младите луѓе од Кочани. Тоа ќе може да креира различни активности, проекти и политики со кои би се подобрил животот на младите луѓе од повеќе аспекти (економски развој и повисок стандард, вработување, пракса, доусовршување и сл.).

Општина Кочани продолжува со реализација на обврските од новиот Закон за младинско учество и младински политики. Претходно, беше номиниран и службеник за млади – контакт лице за младите и младинските организации од Кочани. Исто така, во претстојниот период ќе се отвори и Канцеларија за млади, која ќе претставува локална точка за младински иницијативи и активности во Кочани.

Сподели:
  •  
  •  
  •