Јавната расправа за Градската депонија заврши пред да почне–дел од граѓаните ја напуштија средбата поради отсуство на претставник од Министерството за животна средина

Јавната расправа во врска со затворањето на Градската депонија во Кочани и отворање на регионалната во светиниколско Мечкуевци заврши пред да почне, откако поголем дел од граѓаните ја напуштија поради неприсуство на најавениот претставник од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Граѓаните своето напуштање на седницата го оправдаа со фактот дека во врска со проблемот досега единствено немале средба со претставник на ресорното министерство, додека нивните ставови и барања спрема претставниците на Општина Кочани, пред се градоначалникот Љупчо Папазов, Советот на Општина Кочани и пратеникот Миле Лефков како претставник на законодавниот дом веќе се утврдени и се реализираат.

– Денешната трибина е уште еден напор по патот за обезбедување на квалитетно решение со депонијата, односно целосно затворање на истата, можност за изградба и реализација на проектот за изградба на Регионална депонија и Кочани засекогаш да го затвори прашањето со функционирањето на нестандардна депонија, односно ѓубриште кое повеќе од 50 годоини функцонира во Кочани. За жал денеска немаме претставници од министерството заради објективни причини. По подолги напори и посветеност кон надминувањето на лошите состојби со депонијата имаме можност да ја контролираме, имаме промена на состојбата со обезбедување, видео надзор, со контролата на влезот на возилата, со третирањето на сметот кој се донаса на дневна основа, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Поради фактот дека дел од граѓаните ја напуштија јавната расправа текот на истата со останатите присутни одеше во контекст на досега реализираните активности за третирање на депонијата што веќе се јавно познати и се применуваат. Поради тоа и заклучокот како крајна цел на јавната расправа воопшто не се донесе.

Секретарот на Општина Кочани, Драган Ананиев покрај останатите активности за третирање на депонијата соопшти дека од вчера е формирано Надзорно тело – еко патрола за што веќе е договорено неговото делување. Притоа, додаде дека КЈП „Водовод“ периодов добро се справува со третирање на кочанскиот комунален отпад.

Пратеникот во македонското Собрание, Миле Лефков истакна дека проектот за изградба на регионалната депонија во светиниколско Мечкуевци е единствена можност за трајно затворање на Градската депонија во Кочани. Со почетокот на изградбата на регионалната депонија ќе се отвори можност за вовед во работите за изградба на претоварната станица во близина на Виница, а тоа пак ќе доведе до трајно затворање на депонијата во Кочани.

На прашање на граѓанин дали тоа значи дека до изградба на Регионалната депонија, кочанското ѓубриште ќе треба да прима отпад од соседните општини беше одговорено потврдно.

На јавната расправа присуствуваа претставници на Општина Кочани, КЈП „Водовод“, Министерството за внатрешни работи и од Центарот за социјални работи – Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: