Претставници на локални ограноци на политички партии, невладини организации и граѓани земаа учество на јавната расправа „Како до изборни програми, засновани на докази кои произлегуваат од потребите на граѓаните“, во организација на Центарот за култура комуникација и едукација на ромите „Светла Иднина“ – Кочани.
На јавната расправа се дискутираа теми од локално значење, особено во делот на учеството на граѓаните во креирањето на локални политики, засновани на реалните потреби на граѓаните во средината во која живеат.
Говорници на настанот беа Жаклина Пауновска Анѓелковиќ и Мустафа Саидов, граѓански активисти и модератори на настанот, како и претставници на политички орграноци, невладини организации, здруженија и граѓани.
-Целта на проектот е инклузивноста на изборните процеси и програми. Посебен акцент е ставено на тоа како да се дојде до изборна програма која што ќе биде произлезена од населението и која ќе ги задоволува потребите на целото општество. Заклучоците од денешната јавна расправа ќе бидат доставени до донаторите на проектот, по што се очекува да се донесат главни заклучоци за понатамошно делување – истакна Мануела Саидова, претседател на ЦККЕР „Светла Иднина“ – Кочани.
Јавната расправа е дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), имплементиран преку Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), во партнерство на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) каде членува и ЦККЕР „Светла Иднина“ – Кочани.
Во рамки на проектот планирано е да се спроведат уште две тематски јавни расправи.
И. Матеничарски