Локалниот младински совет на Општина Кочани ја оддржа најавената јавна трибина за промоција на младинското тело и утврдување на приоритетите за дејствување и предлог активности за годишната работна програма за млади.
На трибината што се спроведе во малата сала на Мултикултурниот центар, пред присутните претставници на младински и средношолски организации, млади лица, претставници на Советот на Општина Кочани, на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и граѓани, Локалниот младински совет ги презентираше предлог – приоритетите на младинската програма, во делот на јакнењето на младинските капацитети, обезбедување на работни простории, еколошки и спортски активности, едукации и вклучување на младите од сите заедници како активни чинители во локалната средина.
Присутните на трибината дадоа свои предлози во делот активноста на Локалниот младински совет во културата, туристичка промоција на градот Кочани, родовата сензибилност и застапеност, јакнење на младинските капацитети преку обуки и едукации и фондови за проектно вклучување на младинското тело. На трибината стана збор и за Стратегијата за млади на општина Кочани која е појдовна точка во која се детектирани потребите на младите и нејзино имплементирање во понатамошната работа на локалниот совет.
Согласно изнесените предлози, Локалниот младински совет ќе изработи годишна програма за работа која ќе ги отсликува реалните потреби на младите во општината и за чија реализација ќе бидат вклучени сите засегнати страни во заедницата.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов