Јавни расправи по нацрт-одлуката за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел

Со јавната расправа што ќе се одржи на 18 август 2020 г. во 18 часот на Споменикот на слободата во Кочани, Министерството за животна средина и просторно планирање ја почнува серијата средби со јавноста по предлог-актот за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, во категоријата V – заштитен предел.

Целта на јавните расправи е населението да биде информирано за тоа како ќе се одвиваат постојните активности во подрачјето и што ќе значи тоа за земјоделците, сточарите рудниците и за другите жители кои зависат од користење на природните ресурси односно како прогласувањето на заштитен предел ќе се рефлектира врз развојот на земјоделството, шумарството и социо-економскиот развој.

Освен во Кочани, Министерството за животна средина организира јавни расправи и во Македонска Каменица, на 20 август, во Пробиштип на 25 август и во Крива Паланка, 26 август, сите со почеток во 18 ч. на локации што ќе овозможат спроведување на мерките и протоколите за заштита од коронавирусот.

Истовремено, граѓаните односно засегнатите страни можат да доставуваат коментари, забелешки и консултации по предлог-актот кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи во Република Северна Македонија (www.ener.gov.mk) и на веб-страницата на Министерство за животна средина и просторно планирање www.moepp.gov.mk.

Прогласувањето на заштитени подрачја е приоритет нагласен во Националната стратегија за заштита на биолошката разновидност и Националната стратегија за заштита на природата во Македонија и други документи од приоритетно значење за државата. Заштитените подрачја можат да придонесат за подобрување на економскиот развој и да отворат други можности за развој од кои населението што живее во руралните средини би имало бенефит.

Само околу 9 % од територијата на нашата држава е под заштитени подрачја кои се распоредени претежно во западниот дел, додека на истокот, односно во Брегалничкиот слив има само неколку поединечни стебла што уживаат статус на заштита што е 0,03 % од територијата на сливот.

Процедурата за прогласување на Осоговските Планини како заштитен предел е во завршна фаза и по јавните расправи се очекува одлука на Владата.

Сподели: