Јапонскиот народ донираше ехо апарат за гинеколошкото одделение при болницата во Кочани

Амбасадорот на Јапонија во Македонија,  Хиронори Савада  денеска беше во официјална посета на општина Кочани при што го посети гинеколошкиот одделение при  ЈЗУ Општа болница со проширена дејност.

Целта на посетата беше примопредавање на ехо апарат и CTG фетален монитор наменет за гинеколошкото одделение во кочанската болница, обезбеден преку проектот во рамки на GGP програмата на Амбасадата на Јапонија.

– Јапонскиот народ донираше еден ехо апарат и монитор за одделот за гинекологија при болницата во Кочани. Драго ми е што овој апарат ќе придонесе за квалитетни здравствени услуги за идните мајки во Кочани и Источниот регион. Јапонскиот народ е среќен што помага во подобрување на здравствените услуги во Северна Македонија – истакна Хиронори Савада, Амбасадор на Јапонија

Досега во Македонија, Јапонија има помогнато со над 8,5 милиони евра преку 171 GGP проект за мали грантови за човекова безбедност, со која во целата држава се финансираат проекти за реновирање и обезбедување опрема за училишните и здравствените установи.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов се заблагодари за донацијата на ехо апаратот во името на граѓаните на Кочани.

Директорот на кочанската болница Д-р Александар Серафимов, истакана дека со новиот ехо апарат дополнително ќе се подобрат условите за функционирање на гинеколошкото одделение при болницата во Кочани. Серафимов истакна дека досега со јапонската донација на Гинеколошкото одделение се направени околу 6.870 гинеколошки прегледи со ехо апаратот и 2.340 CTG мониторирања на состојбата на плодот преку регистрација на срцевиот ритам.

Новиот ехо апарат и монитор во кочанската болница се во вредност од 47.863 евра.

Сподели: