Јапонскиот амбасадор Хиронори Савада и директорот на Општа болница – Кочани Александар Серафимов го потпишаа договорот за грант со кој кочанската здравствена установа ќе добие современа опрема за Гинеколошкото одделение во вредност од 47.863 евра.
Медицинските уреди ќе се обезбедат преку јапонската GGP-грант програма за мали проекти за човекова безбедност, со која во целата држава се финансираат проекти за реновирање и обезбедување опрема за училишните и здравствените установи.
– Ова е седмиот грант договор во државата потпишан годинава, а трет во Кочани во рамки на GGP програмата. Со него Јапонија ќе обезбеди дигитален апарат за ултразвучно и детално набљудување на срцевиот ритам со кој ќе се овозможи висококвалитетна медицинска услуга и брза дијагноза за пациентите. Надминувањето на состојбата со Ковид-19 претставува глобален предизвик, а ние сме среќни што ги поддржуваме токму здравствените институции кои придонесуваат за спасување многу човечки животи во овие тешки времиња, истакна амбасадорот Хиронори Савада.
Амбасадорот додаде дека вкупната поддршка од Јапонија преку GGP-програмата достигнува повеќе од 340 илјади евра што е најголем износ досега што бил доделен преку оваа програма од 1996 година до денес.
Директорот на Општа болница, Александар Серафимов нагласи дека оваа техничка помош е добредојдена за следење на здравствената состојба на жените.
– Со новата опрема ќе обезбедиме подобри и посовремени гинеколошки медицински услуги за женската популација, особено за идните мајки, не само од Кочани, туку и од поширокиот регион, истакна Серафимов.
Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев упати благодарност за поддршката и изрази надеж за продолжување на успешната соработка со Амбасадата на Јапонија.
– Задоволство ми е што сме во фокусот на Јапонската амбасада, а уште посреќни што народот на Јапонија дел од буџетските средства ги наменува за Кочани и Општа болница. Здравствената криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19 ги зголеми потребите на медицинските установи и ја забрза динамиката за одговор на тие барања. Поддршката со медицинска опрема ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги и ќе има значаен придонес за пациентите од Општа болница, кои гравитираат од повеќе општини од регионот – рече во своето обраќање Илијев.
На средба со градоначалникот, амбасадорот на Јапонија искажа можност за позасилена соработка во делот на туризмот и на земјоделството.