Во рамките на Повикот за проектни предлози од Еразмус + програмата за 2020 година, СОУ „Љупчо Сантов“ аплицираше два проектни предлози кои, по позитивната евалуација, беа одобрени за финансирање од страна на Националната Агенција на Република Полска.
Првиот Еразмус + проект со наслов „Учење и предавање на математика и природни науки преку ИКТ“ беше разработен и аплициран во соработка со Апликант партнерот од Република Полска. Основна идеја на овој проект е примена на нови иновативни методи во процесот на учење и настава по предметите математика и природни науки за ученици во средните училишта. Негова основна цел е да се подобрат вештините и компетенциите на учениците за примена на веб алатки во образовниот процес по наставните предмети математика и природни науки. Останати проектни партнери се средни училишта од Турција, Италија и Шпанија.
Во согласност со одобрениот Апликационен формулар, во реализацијата на проектните активности ќе бидат вклучени 8 наставници и 20 ученици од кочанската гимназија.
Вториот Еразмус + проект со наслов „Јас сум Х.Е.Р.О.Ј.“ ( здрав- образован – одговорен – со отворен ум) е аплициран во соработка со проектниот партнер од Република Полска.
Основна идеја на проектот е промоција на здрава исхрана и здрав живот, а негови главни цели се: мотивирање на учениците да применуваат здрава исхрана и здрав начин на живот, учење странски јазици и зголемување на дигиталните компетенции кои одговараат на предизвиците на современиот свет
Покрај СОУ „Љупчо Сантов“ и апликант партнерот од Република Полска останати проектни партнери се средни училишта од Република Романија и Република Грција.
Во реализацијата на проектните активности е предвидено учество на 6 наставници и 15 ученици од кочанската гимназија.
-СОУ „Љупчо Сатнов“ Кочани е добитник на уште два проекта од повеќе аплицирани од програмата за европски образовни можности и мобилности. Ние како училиште веќе имаме 12 проекти и сме единствени во Република Македонија од средните и основните училишта кои што имаат толку проекти. Благодарение на нашата проактивна професорка Весна Кушевска, добивме уште два проекта, „Јас сум херој“ и „Учење и предавање на математика и природни науки преку ИКТ“ во кој што ќе бидат вклучени дел од наставниот кадар на училиштето, по хемија, математика и англиски јазик и уметности како и професорите по англиски јазик како и над 60-тина ученици од гимназијата, истакна Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ Кочани.
Реализацијата на проектите започнува со изборот на ученици кои ќе учествуваат во проектните активности. За оваа намена, за учениците кои пројавиле интерес за учество во проектите, е одржана онлајн презентација на која се презентирани основните цели и планираните активности во проектите.
Воедно на учениците им беа презентирани правилата за учество, како и потребните изработки од нивна страна (Мотивационо писмо и кратка презентација односно предлог за Лого на проектот), кои тие мора да ги достават до проектните тимови од училиштето, а врз основа на кои ќе се изврши селекцијата.