Општата болница во Кочани излезе со соопштение по случањата со пациентката, односно мајката на Благојче Дончев, која некој од персоналот ја прогласи за мртва и семејството се подготвуваше за погреб, при подигнувањето констатираат дека таа е жива и дека некој си поиграл со нивната состојба. Во соопштението се осврнуваат на здравствената состојба и на она што излезе во медиумите, но виновник не се лоцира туку се посочува дека случајот е пријавен во соодветните институции.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
„Пациентка со иницијали Ј.Д. на возраст од 58 год, од страна на медицинска екипа на ИМП на ден 30.03.2020 околу 14:30 часот е донесена на Интерно одделение во Општа болница со проширена дејност Кочани. При примарниот преглед пациентката била во крајно лоша општа состојба, сопорозна, со нарушени витални параметри, немерлива тензија и диспноична. Дополнително е добиен хетероанамнестички податок дека пациентката е со придружни коморбидитети- ревматоиден артритис, квадриплегија за кои подолг период примала терапија.
Заради тежината на клиничката слика е повикан анестезиолог и е отпочната реанимација и интензивен третман, на што е добиен позитивен одговор. Конзилијарно е повикан невролог и по стабилизација на виталните параметри конзилијарно е одлучено пациентката да биде хоспитализирана на Интерно одделение каде добива соодветен третман.
Во однос на објавата пренесена на медиумите од страна на синот кој добил информација дека неговата мајка починала, а истата била жива, по обавениот разговор со тимот на дежурни лекари специјалисти имаме информација дека никој од семејството не ги контактирал лекарите специјалисти кои работат на Интерно одделение за да добие информации за пациентката, зашто информации за хоспитализиран пациент дава лекар специјалист.
Случајот кој беше објавен во јавноста е пријавен во соодветните институции, земени се изјави од сите инволвирани и по добивање на извештајот од институциите ќе излеземе со ново соопштение за јавноста, а доколку се утврдат неправилности од страна на вработени во нашата институција истите соодветно ќе бидат санкционирани“.
Со почит, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Кочани