ЈОУБ „Искра“ го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Традиционално го прославивме 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик со едукативна работилница под мотото „Мајчиниот јазик – мост помеѓу мене и тебе“, со цел да се потенцира значењето и чувањето на мајчиниот јазик како и унапредувањето на јазичната и културната разновидност и мултилингвизам.

Соработници во постигнувањето на нашата цел ни беа ученици од основните училишта од Кочани, заедно со нивните ментори. Во весела и прекрасна атмосфера, учениците, рецитираа, твореа, пееја, преведуваа и пишуваа на својот мајчин јазик: македонски, влашки, турски, српски и ромски јазик, но и на други светски јазици како англиски, француски, германски, шпански и италијански. Од презентираното, преку своите јазици, учениците претставија и дел од културата, обичаите, и карактеристиките на своите народи. Се потенцираше важноста од негувањето и чувањето на својот мајчин јазик, бидејќи, сакајќи го својот јазик, ќе ги сакаме и почитуваме и другите јазици. Учениците слушнаа и научија за карактеристиките на јазиците на своите школски, училишни и маалски другарчиња.

Одекнаа народни песни од богатото усно народно творештво на македонски, влашки, турски, ромски и српски, но и на другите светски јазици.

Јазиците се најмоќниот инструмент за зачувување и развој на нашето материјално и нематеријално наследство.

Јазикот е суштинскиот белег, културно наследство на секој народ, со кое се обединуваат духовната и материјалната култура на човештвото. Тој е неизбришлив дел од културната меморија на еден народ, независно од тоа дали е голем или мал.

Сподели: