Љупчо Папазов ја презеде функцијата градоначалник на Општина Кочани

Во Кочани денеска официјално беше извршено примопредавањето на функцијата градоначалник од страна на досегашниот Николчо Илијев и новоизбраниот градоначалник Љупчо Папазов.

Во кабинетот на градоначалникот во зградата на локалната самоуправа, Папазов и Илијев заеднички го извршија примопредавањето на градоначалничката функција, при што Илијев му посака успех во мандатот и реализација на проекти од интерес на граѓаните.

– На новоизбраниот градоначалник му го честитам добиениот мандат и му посакувам добро здравје и успех во новиот мандат. Очекувам неговата програма и заложби за Кочани да ги спроведе на дело и со тоа да придонесе за подобрување на условите за сите граѓани во општината. На новиот градоначалник оставаме повеќе проекти кои се во тек на реализација, одлука на новото раководство е дали ќе ги продолжи или менува. Ја оставаме општината со ликвидна сметка и за поголем дел од проектите веќе имаме обезбедено средства како на пример за ново противпожарно возило, канализацијата во Тркање, за Кочански дол во Оризари, средства за реконструкција на Градскиот парк и булеварот „Стево Теодосиевски“ како и  улици кои се во фаза на реализација, истакна досегашниот градоначалник Илијев.

–  Во наредниот период очекувам реализирање на се она што беше предвидено во мојата програма. Реализација на проектите кои се во интерес на граѓаните и кои доаѓаат како нивни идеи. Ќе работиме за реализација понудените проекти и секако она што е оставено  од нашите претходници, проекти кои се навлезени во длабока фаза на реализација да ги довршиме до крај. За останатите треба да ја разгледаме состојбата во општината и приоритетите и да продолжие да работиме. Еден од суштинските проекти за кои ќе посветам најголемо внимание е реконструкцијата на главниот потисен цевковод, во делот на решавање на проблемите на загубите со вода и квалитетот со водоснабдувањето во Кочани, истакна новоизбраниот градоначалник Папазов.

Претходно, во салата на Мултикултурниот центар од страна на Општинската изборна комисија беа доделени уверенијата на избраните советници во Советот на Општина и градоначалник на Кочани.

Новиот градоначалник на Кочани Љупчо Папазов доаѓа на функцијата по победата во вториот круг од Локалните избори како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

И. Матеничарски

Сподели: