Паркирани автомобили на пешачки премини, автобуска постојка, на кривина од крстосница и уште какви не прекршувања на сообраќајните правила е секојдневната сообраќајна хорор слика на Градскиот плоштад во Кочани.
Фотографиите се од денес и ни ги испратија читатели учесници во сообраќајот, но сликата е идентична секој ден од неделата.
– Сообраќаен хаос од невидени размери. Возила паркирани на пешачки премини, тротоар, на кривина од сообраќаен мост, на автобуска постојка е секојдневна слика. Утрово поради такви возачи не можеа да се разминат автобуси, автомобили, целиот простор беше узурпиран. Полиција нема никаде. Замислете утрово на гепекот од автомобил паркиран на автобуската постојка имаше гозба на неколку лица, се јадеа паштети, конзерви, се пиеше сок притоа автомобилот врз кој се гоштеваа го попречуваше сообраќајот – реагираа граѓани до интернет – порталот „Гласно“.
Несовесните возачи паркираат каде ќе стигнат, а полицијата немоќна да се справи со прекршителите на Градскиот плоштад. Таквата ситуација на немоќ не е пракса во останатите делови на градот каде во неодамнешната акциска контрола на полицијата за два дена беа изречени над 100 глоби за непрописно паркирање.
Градскиот плоштад меѓудругото е и збиралиште на диви таксисти кои без лиценци вршат јавен превоз на патници и притоа сите надлежни за контрола на јавниот превоз и сообраќај не презимаат ништо.