Ќе се пропуштаат единствено возила на КЈП „Водовод“ – протестот продолжува одлучија граѓаните

Граѓаните и екоактивистите кои веќе 210 часа го блокираат пристапниот пат кон Градската депонија во Кочани од вечерва соопштија дека ќе ги пропуштаат единствено комуналните возила на КЈП „Водовод“ за депонирање на отпадот до кочанската депонија.

Блокадата за комуналните возила од соседните општини, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево останува и нивните возила нема да се пропуштаат кон кочанското ѓубриште.

Притоа информираа дека протестот продолжува до исполнување на последното нивно барање за поништување на одлуката на Владата за депонирање на отпад од соседните општини на кочанската депонија.

– Донесена е одлука од овој момент да се пропуштаат возилата само на КЈП „Водовод“, за да покажеме добра волја дека сепак ние се бориме за здравјето на нашите сограѓани. Со оваа одлука се надевам дека ќе привлечеме уште повеќе поддржувачи. ПРОТЕСТОТ ПРОДОЛЖУВА, соопштија граѓаните во видео порака до јавноста.

Четири од петте барања што се доставени до градоначалникот и претседателот на општинскиот Совет се исполнети или се во фаза на реализација.

КЈП „Водовод” обезбеди 24-часовна стражарска служба на влезот на депонијата, која не дозволува пристап за неовластени лица. Се работи на расчистување на теренот заради поставување ограда кај главната капија, а потоа и операторот „Ескаватори“ треба комплетно да го огради останатиот дел од просторот. Исто така, се поставуваат столбови со осветлување на сончева енергија, на кои ќе се инсталираат и камери за видео надзор што ќе биде достапен преку мобилен телефон.

Состојбата на Градската депонија е значително подобрена за разлика од претходниот период. Просторот е исчистен, отпадот затрупан со земја, пробиени се пристапни патишта и нема чадење на истата.

И. Матеничарски

Сподели: