Волонтери на Црвен крст – Кочани нацртаа мурал по повод Неделата на млади на Црвен крст

По повод одбележување на Неделата на млади на Црвениот крст на Република Македонија, волонтери од општинскиот Црвен крст деновиве на потпорниот ѕид кај Атомските згради нацртаа мурал преку кој испратија порака за еднаквост помеѓу луѓето и почитување на различностите во заедницата.

Преку муралот, волонтерите на уметнички начин го прикажаа нивниот мотив за еднаквост на луѓето во општеството, антидискриминација и поттик за почитување на различностите  во средината во која живееме.

-Мотивот на муралот е да се прикаже и поттикне антидискриминација помеѓу луѓето, да се прикаже еднаквоста помеѓу луѓето и тоа дека сите луѓе треба да се почитуваат подеднакво без разлика на нивната религија, вера или националност. Преку муралот сакаме да ја потенцираме еднаквоста на луѓето и да ги поттикнеме останатите да не ги дискриминираат различностите и пораката која сакаме да ја пренесеме е дека „Убавите работи се случуваат кога помагаме“. Преку активноста сакаме да регрутираме нови волонтери во организацијата бидејки вратите на Црвениот крст се отворени за сите, без разлика на пол, вера или национална припадност, истакна Христина Христова, волонтер во Црвен крст – Кочани.

Неделата на млади на Црвен крст традиционално се одбележува секоја година во месец октомври, преку различни активности за промоција на младинскиот активизам, волонтерството и поголема видливост на организацијата и младите во заедницата.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: