Граѓаните протестираа пред фабриката „Пејпер Мил“

Менаџерскиот тим на „Пејпер Мил“  остана „глув“ на повиците на неколкуте стотици граѓани, кои денес се собраа пред фабриката, на мирен протест, да го искажат незадоволството од загадувањето на воздухот, предизвикано од оџакот на  фабриката.

И покрај јавниот повик на организаторот на протестот, здружението „Green“, претставник од фабриката да излезе  и  даде свое видување за проблемот,  до тоа не дојде.  Луѓето од обезбедувањето кратко информираа дека во објектот не е присутен никој од менаџерскиот тим.

Орце Николов од граѓанското здружение „Green“, рече дека нивното барање е фабриката да се префрли да работи на метан или да се дислоцира подалеку од населеното место. Воедно истакна дека инспекторите не си ја вршат работата за која се платени и поради тоа проблемот останува нерешен.  Додаде дека ваков протест во иднина ќе биде организиран и пред други фабрики загадувачи во градот, а граѓанското здружение ќе поднесе тужба против фабриката „Пејпер мил“. Од друга страна, граѓаните кои живеат во непосредна близина на фабриката, секојдневно   се жалат на неподносливата миризба и чад, а поради ова честопати имаат и проблеми со здравјето.

На протестот граѓаните оставаа потписи кои ќе се приложат кон тужбата, а донираа и парични средства за судските трошоци против фабриката.

Протестот заврши мирно, со најава за следен, доколку не се реши проблемот.

И.Матеничарски

Сподели: