Колку книги прочитаа граѓаните на Кочани за време на карантинот

Изминатиов период, почнувајќи од март, а светот и многу порано, сведоци сме на едно вриежно време – глобалната пандемија што ја предизвика вирусот Ковид – 19.

Новиот начин на живеење, новите социјални, културни, психолошки и лични трансформации не охрабрија да проговориме за новите навики, активности и потреби на граѓаните во време кога седењето дома беше наша обврска и нужност.

За таа цел спроведовме анкета на тема „Колку книги прочитале граѓаните на Општина Кочани за време на карантинот и полицискиот час т.е. за периодот од март до јуни“.

На анкетата одговорија повеќе од 100 испитаници. Резултатите на терен покажуваат дека 30% од испитаниците не прочитале ниту една книга, до 2 книги прочитале 25%, додека 3 или повеќе книги прочитле 43%. Само 2% од испитаниците одговорија дека слушаат аудио книги што им овозможува посветеност и на други активности како вежбање, готвење и чување деца.

Оние што читаат книги при изборот предност им даваат на странските автори пред домашните поради богатиот избор на жанрови, актуелноста на темите, успесите на авторите и слично. Мал дел од испитаниците одговорија дека читаат исклучиво книги со религиозна содржина, останатите читаат лектирни изданија, популарна психологија, белетристика, класици, современици, поезија и книги за деца.

Иако не станува збор за професионално спроведена анкета, со репрезентатитвен примерок, сметаме дека резултатите даваат релевантна слика.

Им благодариме на граѓаните кои учествуваа во анкетата со своите одговори и на тој начин го помагаат растот и развојот на свеста, културата и мотивацијата поврзани со читањето книги. Мислиме и растеме заедно.

Анкета и текст: Ивана Атанасова

Сподели: