ОМУ„Ристо Јуруков“ доби ново полуконцертно пијано

По многу нереализирани иницијативи во период од дваесетина години, Кочани доби ново полуконцертно пијано.

Со средства од општинскиот буџет и по реализирана јавна набавка, пијаното  „ритмилер“ го прими Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“.

– Мојата радост навистина е голема, бидејќи успеавме да одговориме на долгогодишната потреба од квалитетно пијано. Инструментот беше неопходен, имајќи ја предвид образовната дејност на Музичкото училиште „Ристо Јуруков“, но и концертните активности што се реализираат во Кочани. Со новото полуконцертно пијано создаваме соодветни услови за реализација на културни активности. Очекувам Музичкото училиште да биде расадник на  таленти, а публиката да биде сведок на настапи на врвни уметници – изјави градоначалникот Николчо Илијев.     

Новото полуконцертно пијано е со црна сјајна боја, три педали, чеканчиња со германско потекло и има гаранција од пет години.

Директорката на Музичкото училиште „Ристо Јурков“, Марија Лазарова ја изрази благодарноста од сите што со нетрпение го очекуваа овој историски момент за музичката култура и образование во Кочани, додавајќи дека ова е поттик за нови творечки и уметнички пориви и активности.

Јованка Милојевиќ, наставник во ОМУ „Ристо Јуруков“ е дел од тимот што пред дваесет години за првпат јавно ја изнесе потребата од полуконцертно пијано.

– Идејата се роди одамна, и еве ние сме сведоци на конечната реализација – набавката на полуконцертно пијано, благодарение на поддршката од градоначалникот Николчо Илијев и Локалната самоуправа, кои покажаа разбирање и одговорија на потребата од ваков инструмент – истакна Милојевиќ.

Советничката за образование во Општина Кочани Лилјана Арсова, како член на Советот на Општина Кочани во 2014 година, институционално ја покрена идејата за набавка на полуконцертно пијано.

– Како советник, во повеќе наврати апелирав за потребата од овој музички инструмент и посочував дека треба да го обезбеди Општината и ова се случува на задоволство на сите. Пијаното е бенефит не само за училиштето, туку и за веќе промовирани уметници и пошироката заедница – рече Арсова.

За набавка на овој музички инструмент Општина Кочани намени 755.200 денари.

Сподели: