Осогово со Рома, Барса, Ливерпул ќе соработува за Меѓународниот ден на исчезнати деца

Клубови од целиот свет се обединуваат со една цел, да помогнат во пронаоѓањето на децата кои се пријавени како исчезнати. Меѓу сите светски великани се најде и ГФК „Осогово“.

Во Осогово поканата ја добиле директно од Рома, клубот со кој и соработуваат на Twitter. Рома предничи на оваа социјална мрежа кога се во прашање италијанските клубови, додека Осогово, иако второлигаш, прави најголема врева од сите македонски клубови. Оттаму и соработката, популарните сакаат да соработуваат со популарни клубови.

Начинот на кој секој клуб може да помогне во ова аиницијатива е доброволно да ги користи своите канали на социјалните медиуми за на 25 мај да сподели видео во кое се прикажани деца кои во моментот се водат како исчезнати низ целиот свет. 25 мај е светски ден на исчезнати деца. Иницијативата наречена Football cares ја води Меѓународниот центар за исчезнати и експлоатирани деца (ICMEC) и ја поддржува и Европската клупска асоцијација (ECA), како и ФИФА.

„Минатото лето нашите пријатели од фудбалскиот клуб Рома објавуваа низа на објави со деца кои се сметаат за исчезнати и благодарение на нивните објави 6 од децата беа пронајдени и вратени таму каде што припаѓаат. Затоа и од ICMEC веруваат дека ваков проект проширен интернационално може да ја зголеми веројатноста да се пронајдат уште повеќе драгоцени млади лица“, велат од Осогово.

За одбележување на Меѓународниот ден на исчезнатите деца, на 25 мај секоја година ICMEC ги координира активностите и кампањите за градење на свеста за проблемот со исчезнатите деца, ги слави оние што се опоравени и пронајдени и се сеќава на сите оние кои сè уште недостасуваат.

„Фудбалот е најпопуларен спорт во светот и ICMEC го препознава потенцијалот на клубовите да ги засилат нашите напори за објавување на маките на исчезнатите деца преку нивното неверојатно присуство на социјалните медиуми. Би сакале да им се заблагодариме на ECA и ФИФА за нивната фантастична поддршка и секој клуб кој се согласи да учествува во иницијативата Football cares“, вели Каролин Хумер, потпретседателка на програмата.

Сите македонски клубови кои сакаат да бидат дел од оваа хуманитарна иницијатива можат да се приклучат откако ќе ја контактираат Рома на електронската пошта footballcares@asroma.it. Инспирирани од постапката на Осогово, од скопски Вардар веќе најавија приклучување.

Сподели: