Проблеми со водоснабдувањето во високите зони на градот

Корисниците од високите зони во Кочани денеска  се жалат на зачестени прекини во водоснабдувањето.

До интернет порталот glasno.mk пристигна реакција од жители на населбата Усова чешма, каде во текот на денот имало неколку прекини во испораката на вода.  Тие реагираат  дека во време на пандемија од болеста КОВИД-19 прекините на вода им прават проблеми при одржување лична хигиена, немаат вода за основни потреби,  а поради полицискиот  час  не се во можност да наполнат од локалните помпи .

Од КЈП „Водовод“ го потврдуваат проблемот и додаваат дека поради оптеретеност на Градскиот водовод  одредени делови на градот имаат периодични прекини во водоснабдувањето.

Директорот Андреј Киров додаде дека моментално резервоарите се полнат и се очекува за скоро  сите делови во  градот да добијат вода. Сето ова се случува поради забраната за движење, граѓаните остануваат дома, а со тоа енормно се зголемува и потрошувачката на вода. Киров уште еднаш апелираше водата да се користи рационално, се со цел во иднина да се избегнат вакви проблеми како денешниот.

Од „Водовод“ информираат дека преку главниот цевковод се испорачуваат максимални 195 литри вода во секунда, при што целосно е исполнет неговиот капацитет.

Проблемот со водоснабдувањето на високите зони во градот е проблем што се провлекува низ годините.

Сепак ова е момент кога граѓаните на Кочани треба покажат солидарност и водата да ја користат за најосновни потреби, за да ја има за сите.

И.Матеничарски

Сподели: