„Секој петок по една“ – Да ти е.ам сестрата

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Да ти е.ам сестрата

Меѓу мене (Доне Донев) и Венчеслав Ј.

Пишува: Доне Донев

Како студент три години живеев во населбата „Стив Наумов“ во Автокоманда во Скопје. Не се сеќавам која година беше, ама убаво се сеќавам оти се играше некој важен натпревар во фудбал за Европско првенство меѓу тогашна Југославија и Германија. Југославија поведе со 2 : 0, а изгуби со 2 : 4. Во тоа време никој немаше телевизор во студентските соби, а и да имаше, не беше интересно и исто да гледаш со пет души и со петстотини.

Пред натпреварот јас и мојот другар Венчеслав Јордановски (адвокат) малку задоцнивме и не верувавме оти салата каде што беа двата телевизори ќе биде исполнета до последно место. И не само тоа, туку и за стоење немаше место. Гледавме, ама како да не гледавме. По десетина минути од натпреварот, јас и Венчеслав (договорено) почнавме да се „караме“, дури и да се поттурнуваме по малку. Малку по малку почнавме и гласно да се „караме“. Јас му ја опцув сестрата (Венчеслав нема сестра). Тој гласно извика:

-На кого бе ти ќе пцуеш сестрата, ај излези надвор да видиш што ќе биде од тебе.

Излеговме пред бараката, а по нас речиси сите студенти (мислам најмалку петсотини) излегоа да гледаат сеир или тепачка. Почнавме да се поттурнуваме, а по минута-две влетавме прегрнати во салата и си седнавме на првите столчиња. Некои од студентите пцуеја гласно, а некои не можеа да се смират од смеење./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: