СОУ „Љупчо Сантов“ подготвено за почетокот на второто полугодие, набавена ИТ и друга техничка опрема

СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани подготвено го очекува стартот на второто полугодие од учебната година.

На ден пред почетокот на наставата која поради пандемијата со КОВИД – 19 како и досега ќе се одвива онлајн, директорот на кочанската гимназија Игор Христов информираше за реализираните активности за време на зимскиот распуст.

-СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани спремно го дочекува стартот на второто полугодие од учебната 2020/2021 година. Во текот на месец декември и почетокот на јануари извршивме хигиенско поставување на целата училишна зграда. Воедно набавивме и 61 нов лаптоп компјутер за наставниците и административниот кадар. Доопремени се и два кабинета по информатика и практична настава со нови компјутерски столчиња. Во месец декември завршивме со реконструкција на кошаркарското игралиште, поставувањето на фитнес справи како и осветлувањето на источниот влез на училишната зграда, а во тек е подготовка на проект за осветлување и на западната страна на зградата, истакна Христов.

Меѓудругото Хритов додаде дека набавени се и музички инструменти за потребите на учениците, комплет тапани, гајда и кавал, а во функција е ставен и училишниот клавир.

Училиштето континуирано инвестира во опремување на кабинетите и квалитетот на наставата, при што обезбедени се нов електронски микроскоп, катедри, интерактивни табли, а целосно опремено е и ново Еразмус + катче.

Набавките се реализираат со средства обезбедени од блок-дотациите на училиштето.

Во делот на наставата, од кочанската гимназија информираат дека продолжуваат со онлајн предавања. Дваесетина професори ќе предаваат од училишната зграда, за што веќе се обезбедени услови во делот на греењето, интернет врската и компјутерската опременост.

Наставата ќе се одвива во една смена, а учениците ќе ја следат како и досега, од дома.

И. Матеничарски

Сподели: