Уништени реквизити на новото детско игралиште во населбата Драчевик

Детското игралиште изградено во непосредна близина на социјалните згради во  кочанската населба Драчевик, иако сè уште официјално не е ставено во употреба, веќе е уништено.

Дел од реквизитите се откорнати од подлогата, лулашките и клацкалките  се расипани, а урбаната опрема – клупите и кантите за отпад, покажуваат траги од насилство.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и претставници на неколку институции и невладини организации направија увид на локацијата на новото, сега веќе нагрдено детско игралиште.

–Ова игралиште е изградено од страна на локалната самоуправа,  со пари од граѓаните на Општина Кочани, што значи дека оваа опрема е на сите граѓани и треба рационално да се користи и да се чува. За жал, можеме да констатираме дека не е така, и ние како локална самоуправа сме загрижени за ова што се случува, за однесувањето на лицата коишто го користеле недозволено,незаконски, па игралиштето кое сè уште не е ставено во функција е уништено. Ако продолжи ваквото однесување, нам ни преостанува реквизитите да ги дислоцираме и да ги поставиме на место каде што ќе биде користено  одговорно и совесно – соопшти Илијев.

Неодамна, градоначалникот на Кочани се сретнал со дел од жителите на оваа населба, кои се пожалиле на непристојно однесување и уништување на урбаната опрема од некои соседи од новиот станбен објект. Жителите побарале надлежните да преземат мерки против лицата кои ова место на живеење од мирно го претвориле во неиздржливо, небезбедно и неспокојно.

Изминатиов период Општина Кочани изгради четири нови детски игралишта, од кои три во Кочани и едно во Грдовци, кои поради здравствената криза сè уште не се пуштени во употреба.

Сподели: