Црвен крст Кочани активен за време на топлотниот бран

Општинската организација на Црвен крст – Кочани во изминатиов период активно е присутна на терен со свои волонтери во справување со топлотниот бран од портокалова (алертна) фаза што периодов ја зафати територијата на Македонија.

На дневна основа, волонтери од Црвен крст Кочани делат флаширана вода и совети за заштита од топлото време со цел да се укажат начини за заштита како и да се укаже на  последиците што високите температури можат да ги предизвикаат врз здравјето на населението.

-Од почетокот на топлотниот бран, Црвен крст Кочани е присутен на терен. Волонтерите делат флаширана вода и совети за заштита од топлотниот бран. Присутни сме на пофреквентите места во градот, Градскиот парк и пазар, централните улици, пред банките каде има поголема раздвиженост на луѓе, Општата болница и вакциналниот пункт.  Препорачуваме граѓаните да не излегуваат во периодот од  10 до ч. до 17 ч., да носат светла и лесна облека , да се внесуваат повеќе течности, а хронично болните редовно да ја земаат својата терапија, истакна Анета Коцева, секретарна Црвен крст – Кочани.

Од  Црвен крст – Кочани додадоа дека во зависност од препораките на надлежните институции и во периодот што следи, доколку тоа го налагаат временските услови ќе бидат присутни на терен преку давање поддршка со справувањето со топлотниот бран.

Воедно, тим од четворица волонтери од Црвен крст – Кочани од утринските часови е на терен во опожарените предели на Пехчево како поддршка на надлежните служби во справувањето со огнената стихија која беснее над овој град.

И. Матеничарски

Сподели: