100 дена локална власт во Кочани: 9 милиони денари на сметката на АВТО АТОМ,  5 нови вработување во Општината и 0 (нула) нови капитални инвестиции

Почитувани сограѓани,

Денес сите сме сведоци дека локалната власт во Кочани за 100 дена донесе промени. Дали промените значат развој или уназадување на Кочани, оценете сами.
Градоначалникот даваше отчет пред својот лидер, а не пред граѓаните, затоа што само тој може да му поверува за невистините кои беа искажани.

Изгледа Градоначалникот ги потцени граѓаните и мислеше дека тие ќе заборават дека само  пред 100 дена се направи примопредавање на функцијата во која таксативно беa назначени сите проекти и состојби на сметки кои беа оставени. На 05.11.2021 година, на сметките на Општина Кочани имаше нешто повеќе од 63 милиони денари, 23 проекти во фаза на реализација во вредност од 300 милиони денари и повеќе готови проектни документации за идна реализација. 

Потврда за силната работа, посветеност и демонстрирање како се сака Кочани е реализација на буџетот за 2021 година од 255 милиони денари, од кои 144 милиони се на капитални инвестиции. 

Градоначалникот на отчетот пред својот лидер, со немање чувство на одговорност, сите овие проекти ги препишува за свои, читајќи ги без чувство на идентификување, зошто едноставно нешто да го чувствуваш за свое треба да се вградиш во него. 

Сите проекти, буквално сите до еден се дело на претходната локална власт! Тие проекти не паднаа од небо и за нив се вложени многу труд, работа и посветеност, нешто кое денес  отсуствува!
Градоначалник, граѓаните на Општина Кочани го чекаат Вашиот прв личен проект!

Во Вашиот отчет, спомнувате скриени извршни решенија. Тоа се решенија кои Вие ги оживеавте. Решенија направени од Вашите партиски структури кои плаќаа за превоз по 5 пати повисоки цени! Граѓаните уште чекаат одговор каде завршија скоро 9 милиони денари платени на Авто Атом, и дали беа доволни да се плати Вашата прескапа партиска кампања. Вие плативте 9 милиони денари, пари на граѓаните на Општина Кочани, за камати кој Вие ги направивте со Вашето несовесно работење. Со ова е и јасен одговорот зошто Авто Атом не се осуди да ги изврши тие решенија кога со Општината раководеше раководство кое домаќински ги трошеше народните пари.

Зошто не му кажавте на Вашиот лидер дека за 100 дена вработивте 5 нови партиски војници!? Да не се малку, па премолчивте?! Граѓаните само можат да претпостават како ќе заврши Вашиот мандат, и што ќе направите со општинската администрација.
На граѓаните на Кочани им е јасно дека не можат да очекуваат напредок од оваа локална власт. Дел од нив предоцна сфатија дека „патриотските“ и коментарите по социјалните мрежи поврзани со величење на вмровските лидери ги пишуваа Вашите скапи платеници за пласирање невистини и навреди. Токму тие кои сега ја раскрчмуваат општинската каса.

Почитувана кочанска јавност, 
Со вчерашниот отчет, градоначалникот уште еднаш потврди дека Вие никогаш нема да имате предност пред неговите партиски и лични интереси. Единствениот термин во неделата за прием на граѓани, тој „оправдано“ ѝ го посвети на партијата.

Со почит,

ОО на СДСМ Кочани

Сподели: